Рејтинг на корисник: 5 / 5

Активна ѕвездаАктивна ѕвездаАктивна ѕвездаАктивна ѕвездаАктивна ѕвезда
 

1. Дали возењето велосипед е добра вежба?
Да, возењето на велосипед е одлична вежба. Може да ти ја подобри кондицијата и да ослабиш. Го намалува ризикот од здравствени проблеми, како што е срцев удар. При возењето велосипед има помалку оптоварување на зглобовите отколку при џогирање, така да тоа е полесно за твоето тело.

2. Дали може да се повредам возејќи велосипед?
Да. Понекогаш ти ќе згрешиш и ќе се удриш, понекогаш кола може да те удри. Сериозно може да се поврдиш ако возиш брзо и особено ако кола те удри. Може да се поврдиш ако правиш одредени трикови или акробации со велосипедот. Можеш да си ги потфатиш прстите меѓу шпиците или да се удриш во педаљите. И тн.

3. Што ако паднам од точак?
Ако паднеш и силно се удриш или многу крвариш. треба да посетиш некој доктор.

4. Што да направам за да не се повредам?
За да си ја заштитиш главата и лицето можеш да носиш кацига. Носи спортски наочари за д ане ти влезе прашина или мушичка во око. Носи светла рефлектирачка облека за другите возачи да те видат полесно. Носи поставени ракавици за да си ги заштитиш рацете. Носи обложени пантолони и користи удобно седло за да не те боли газот. Одбегнувај да возиш навечер. Биди внимателен, особено на неконтролирани движења.

5. Како може да бидам сигурен дека мојот велосипед е сигурен?
Добро е кога се на твојот велосипед добро функционира. Створи навика да си ги проверуваш кочниците и дека нема нешто скршено или непотребно лабаво. Имај катадиопер (мачје око) и светла за да бидеш по видлив навечер.

6. Колку возрасни личности може да се возат на еден велосипед?
Велосипедот е правен за еден човек (исклучок се тандемите). Втора личност може, но ретко кога сака, да се вози на шипка кај ’машки’ модел на велосипед. Втора личност исто така може да се вози на гидан кога се имитира сцена од филмот „Љубовна приказна“. Во Скопје евидентиран е велосипед кој превезува тројца каде еден вози, друг седи на шипка и третиот виси на вратот т.е. на грбот од тој што вози. Оваа појава го истакнува друштвениот карактер на велосипедот како превозно средство.
Според законот во Македонија... еден.

7. Може ли дете да се превезува со велосипедот?
Ако се возиш со дете на велосипедот, тогаш треба да користиш специјално седиште кое се поставува позади главното седло. Детето пожелно е да носи кацига додека го возиш. Во овој слушај биди провери дали имаш заштита на задното тркало, за нозете на детето не се фатат меѓу шпиците.
Друга опција е седиште кое се монтира на шипката од велосипедот, пред главното седло. Оваа вторава варијанта е единствено дозволена со закон во Македонија.

8. Што предизвикува повреда со велосипед?
Според едно истражување спроведено во Соединетите Американски Држави фактори кои предизвикуваат сообраќајни несреќи со велосипед се следниве: Велосипедистот е машко; Велосипедистите се на возраст од 9 до 14 години; Возење во лето; Возење доцан попладне или рано во ноќта; Велосипедистот не носи кацига; Моторно возило; Опасно место за возење; Велосипедистот не е од добра фамилија; Велосипедистот е ментално пореметен; Велосипедистот е напиен или надуван; Велосипедистот вози на трки по планина.

9. Што може да си повредам возејќи велосипед?
Ако паднеш најчесто страдаат екстремитетите, главата, лицето, стомакот, телото и вратот.

10. Каде е поопасно да се вози: на планина или на улица?
Велосипедистите кои возат по планина имаат дури 40% помалку повреди по главата, лицето и забите (нема коли и обично носат кациги).

11. Може да станам импотентен од велосипедот?
Ако си машко, да. Несаканата појавата треба да исчезне за една недела до неколку месеци.

12. Како да не станам импотентен од велосипедот?
Не седи на седлото или намести го да биде хоризонтално до сосем малку подигнато и земи си седло со процеп по средината.

13. Колку висок треба да ми биде рамот?
Кога ќе застанеш меѓу рамот и гениталиите треба да има простор од 3 до 5 см за градски/асфалтни велосипеди и од 7 до 15 см за планински велосипеди.

14. На која висина треба да ми биде поставено седиштетот?
Кога ќе ја испружиш ногата на педалата (поставена најниско) коленото треба да направи агол од 25 до 30 степени. Или измери ја висината од гениталиите до подот, носејќи патики и помножи ја со 1,09. Или највисоко што може а кога ги вртиш педалите да не се лизгаш по седиштето. За возење по планини седиштето треба да е пониско за да се добие поголема стабилност и подвижност.

15. Кој е подобар велосипед: Trek или GT?
Или KTM или Giant или Scott или Schwinn или Ram. Додека секој производител има свои закоравени обожаватели, тоа прашање нема одговор. Не поради политичката припадност, туку затоа што тоа не е вистинското прашање - ти купуваш велосипед, а не име. Ако купуваш велосипед според името, тогаш правиш првенствено решение на стил, а не на изведба. Кога одлучуваш кој велосипед е подобар за тебе, моделот е важен. За да го најдеш најдобриот велосипед, одбери за која цена, одбери какви возни карактеристики ти посакуваш и тогаш барај модели од различни производители кои што ги задоволуваат твоите критериуми. Така ќе го најдеш твојот велосипед.

16. Кога велосипедските продавници имаат распродажба?
Попусти кај нас ретко се случуваат, иако со тенденција да се промени. Велосипедите се како автомобилите: нови модели се прават скоро секоја година. Обично на есен кога завршува сезоната за возење е најдобро време да се погледне за понуди. Во овој период продавачите се обидуваат да ја испразнат робата што им останала непродадена од сезоната. Понекогаш може да се најде и во сезоната некој стар модел на поевтинување, но најпрво заврши си ја твојата домашна задача пред да го купиш: моделите од време на време добиваат драматични редизајнирања и промена на делови, така, ако новиот модел е различен само во бојата и некој ситен детал, ќе заштедиш на ланскиот модел. Но доколку новиот модел име големи промени во рамот или надградби во делови, тогаш може да вреди да се плати за новиот модел. Внимавај на велосипедски модели стари неколку сезони. Напредокот во материјалите и технологијата оди брзо, тоа што изгледа добра зделка може да биде и не толку добра зделка. Спореди го моделот на интернет страната на производителот, со деловите вградени во продавницата!

17. Може ли да се ценкам за цената?
Можеш да пробаш. Вообичаено за плаќање во готово може да се добијат 10% попуст. Понекогаш може наместо попуст да добиеш гратис шише за вода или торбичка, пробај. Сервисот е дел кој исто така може да пробаш да се ценкаш: вообичаено се добива една година гаранција и бесплатен основен сервис, побарај го тоа ако ти ги даваат само законските 6 месеци гаранција.
Ако не ти се допаѓа понудата од локалната продавница, тивко пробај на друго место. Можеби ќе најдеш подобри цени на друго место, но не се исплати да одиш некаде далеку за да заштедиш неколку денари. Да имаш добра, локална продавница ќе ти заштеди и време и пари при потребите на сервис и гаранција. Продавниците повеќе се трудат ако велосипедот е купен од кај нив.

18. Треба ли да купам рам од јаглеродно влакно?
Секако. Можеби. Освен ако не треба. Јаглеродот е воглавно полесен материјал од другите, може да биде конструиран на начин кој дава посебни карактеристики на возењето за што металот не може и има неограничени можности за форми - аеродинамични или едноставно меки. Ако се тркаш и сакаш супер тврд рам, јаглеродот ќе ти пружи најдобра мешавина на лесно, аеродинамично и цврстина на возењето. Но исто така е скап. Не секој јаглерод е ист: поевтините рамови имаат послаби влакна, кои се потешки и помалку крути, и често имаат незадоволувачки возни карактеристики во спорадба со високо-квалитетен јаглерод.
Ако немаш баш пари, постојат голем број на велосипеди направени од високо квалитетен алуминиум или мешавина на легура и јаглерод, кои се цврсти и лесни но се возат малку по несмасно од своите целосно јаглеродни побратими. Ако бараш мазно, рафинирано чувство на возење, јаглеродот ќе ти го пружи тоа, но исто така и челичните и титаниумските рамови, обата напредуваат како материјали за рам. Конечно треба да се решиш во однос на тоа колку сакаш да потрошиш и дали јаглеродот е за тебе. Ако си купи веќе iPhone, тогаш земи си јаглерод. Но ако претураш по тезгите за некоја добра винилка, тогаш титаниум или челик е за тебе.

19. Дали ми треба женски точак?
Стандардните велосипеди се изградени врз основа на машката физиологија. Женските велосипеди се адаптирани за да ја задоволат општата женска популација, и најчесто имаат делови за да ги задоволат женските анатомски потреби, како што се пократок досег на рачките од кочниците за помали раце. Некои компании дури ги адаптираат и цевките од рамот да одговара на генерално полесното тело на жените. Сето ова води до значајна и очигледна корист: подобро одговара, но исто така те прави и по сигурен возач.
Подолгиот рам на стандарниот велосипед често прави жените да го тегнат своето тело и раце, како и да се движат понапред на седлото. Ова прави потешкотија да се има сигурен фат на рачките, но исто така и го поместува центарот на гравитацијата на возачот нанапред, со што се компромитира стабилноста. Не е добро тоа.
За да видиш дали ти е подобро со женски велосипед, најди продавница со избор на женски модели. Напрпави тест возење на женскиот велосипед, потоа на истиот споредбен модел за мажи; забрзај, закочи силно, исправи се... направи ги сите движења кои ги правиш додека возиш. Има шанса да почуствуваш поголема контрола на женскиот велосипед.

20. Кои делови се најдобри: Shimano, Campagnolo или SRAM?
Сите три компании прават неколку серии на добро-функционирачки, доверливи групи на делови (под група се смета да вклучува рачки за кочници и менувачи, кочници, преноси, ѕвезди, средна осовина, касета, и ланец). Меѓу групите со слична цена, изведбата на преносот и кочењето, како и тежината се приближно исти да вистинските решавачки фактори се стилот и ергономијата. Биди сигурен да ги разгледаш сите брендови пред да купиш еден.
Shimano менува со рачка вградена во подвижни рачки за кочници. Менувањето е мазно во првото возење со унифирмни позитивни и специфични запчаници. Нивните касетни тела и тркала се компатибилни со SRAM (и обратно), шти ти дава поголем избор кога купуваш нови тркала. Shimano е најдостапен исто така. Ако секогаш главиш и ти требаат делови за замена, тоа е твојот избор.
Campagnolo користи подвижна рачка и копче за палецот за да менува. Менувањето најпрвин изгледа тврдо, со употреба се разлизгува и работи толку мазно да некои се збунуваат од минималната употреба на сила. Од сите групи, најлесно се поправаат. Додека сите врвни групи на сите три производители дозволуваат повеќекратно менување со едно дејство. Campagnoloвите најдобри Record и Chorus дозволуваат да го фрлиш ланецот - да смениш по целата должина на касетата со единствено притискање на копчето. Не се среќава често кај нас.
SRAM врши менување било со единствен или дупли должински притисок на подвижна рачка вградена кај рачката за кочење. Неговите рачки се познати по ергономијата и целат да бидат најудобни за мали раце. Менувањето се наоѓа измеѓу Campagnoloвата течност и Shimanoвата прецизност. Неговата Rival група станува многу популарна.

21. Дали ми треба стандардна, компактна или тројна брзина на мојот велосипед за пат?
Брзините се мал избор со големо влијание. Има три типични опции: стнадардни (најчесто ѕвезди со 53 и 39 заби напред, во пар со 12 - 25 заби 10 брзинска касета), тројни (три ѕвезди со стари брзини, најчесто 50/40/30 или 52/42/30) или се по популарните компактни (50/36 или 50/34 ѕвезди).
Кое е најдобро зависи од тоа како ти возиш. Ако возиш само неколку километри неделно или живееш во близина на опасни ридишта, тогаш тројна може да биде најдобра. Но ако возиш редовно на различен терен, се препорачува компактна. Помалата ѕвезда овозможува скоро иста качувачка изведба како кај тројната, но без тежината и поголемата механичка сложеност на екстра ѕвездата. Компактните исто така се добри за вкрстување на ланецот; можеш да останеш на големата предна ѕвезда и да ја намалиш брзината на најлесната задна ѕвезда за да ја зголемиш силата. Стандардните ѕвезди прават предизвик од прекрстувањето на ланецот освен ако не си тркач.

22. Треба да купам велосипед со полна амортизација или со цврст заден дел?
Ако не си сигурен, тогаш откри дека ти си спремен за пробно возење. Пробај со цврстиот заден дел. Без задна амортизација велосипедот ќе биде полесен и помалку ќе простува, што ќе ти помогне да ги почувствуваш дупките, држиш линии и поправаш грешките без придржување на шокот. Размисли овака: тие што учат да возат кола со обичен менувач можат да возат се, но тие што учат на автоматски менувач се зезнати засекогаш.
Потоа постои цената. За 500€ можеш да купиш квалитетен велосипед со цврст заден дел и добри карактеристики. Целосно амортизираните велосипеди за таа цена имаат не толку квалитетни делови. Ако си наумил за целосна амортизација, биди спремен да потрошиш повеќе за добра машина, и барем 1.500€ за велосипед со вистинска изведба.

23. Како да ја одржувам мојата вилушка со амортизер?
Најбрз одговор е да ја чистиш и переш постојано. После секое возење да го чистиш цилиндарот на амортизерот, особено на спојот кај заштитниот дел од прашината и насобраната прљавштина при возење.
После 25 часа возење треба да се провери вртежната сила на штрафовите, која треба да изнесува соодветно на техничките спецификации (на пример: Главниот фиксирашки штраф - 10Nm, а горните капи - 3 до 4Nm).
На секои 25 часа возење треба да се намасти цилиндарот, за што се препорачува да се искористи тефлонско масло.
После 50 часа возење треба да се однесе на сервисерот за проверка и намастување на цилиндрите и составните делови.

24. Како да се одбраниш од кучиња што трчаат и лаат по тебе?
Некако велосипедите или велосипедистите се посебно сакани од страна на кучињата, особено тие уличните, поради што постојано ни лаат и не бркаат. Кога ќе те нападне куче или кучиња имаш повеќе опции, во зависност од тоа колку се плашиш од нив и какви се кучињата.
Искуството вика дека дресираните кучиња само ќе ти лаат ако си премногу блиску до нивната територија и со оддалечување престануваат, додека уличните само се прават силни додека им вртиш грб. Искуствено, наједноставно е да бидеш побрз од нив, така најверојатно ќе стекнеш и некоја спринтерска вештина.
Стручните лица пак велат дека најпаметно е да сопреш со велосипедот и постојано да го гледаш кучето во лице дур чекаш да си замине. Во екстремни случаи, можеш ти да се тргнеш од велосипедот, бидејќи во основа кучето го брка велосипедот (звукот или тркалата кои се вртат) а не велосипедистот, па кога кучето ќе престане да си продолжиш по патот. Но во ниту еден случај не го предизвикувај кучето со стап или било каков предмет! 

 

Оваа рубрика има намера да собере 1000 одговори, така да ако имаш прашање кое не е одговорено, слободно прати го.

*Одговорите напишани тука претставуваат сумирани искуства на поединци, извадоци од други написи и кој ли знае кој дал одговор на нив. Така да во никој случај да не се обидуваш да ги одговориш дома сам.